fbpx

Администрацијата секоја година јаде сѐ поголем залак од буџетот

-

На администрацијата секоја година се трошат сè повеќе пари од буџетот, а ништо поразлична нема да биде ниту 2019 година, кога се предвидува за плати на администрацијата од буџетот да се потрошат 461 милиони евра, што е зголемување за 25 милиони евра или од 5,7 отсто во однос на годинава, кога за оваа намена се одвоени 436 милиони евра.

Податоците за изминатиов период покажуваат континуирано зголемување на расходите наменети за плати во адмнистрацијата, односно од 2013 година наваму, секоја година за плати има зголемување во просек за 14 милиони евра.

Во рамки на 461 милиони евра проектирани во буџетот за 2019 година за плати во администрацијата предвидено е покачување на платите за 5 отсто за вработените во буџетските корисници во последниот квартал од годината, односно почнувајќи со исплатата на септемвриската плата во 2019 година.

„Ваквото зголемување се предлага со цел подобрување на стандардот на живот на вработените и зголемување на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи, особено во фаза на спроведувањето на преговорите околу интеграцијата во ЕУ и НАТО“, се вели во предлог-буџетот за 2019 година.

Сосем друго е прашањето какви рефлексии има ваквото зголемување во приватниот сектор, каде што платите растат со многу побавно темпо отколку во администрацијата.

На проблемот со постојаниот пораст и несоодветната функционалност на администрацијата неодамна укажаа и стопанствениците. Оттаму ѝ порачаа на Владата наместо да воведува прогресивно оданочување, кое ќе има негативно влијание врз вработените во приватниот сектор и воопшто врз бизнисите, да преземе мерки за рационализација во администрацијата.

„Стопанската комора на Македонија смета дека најсоодветен начин за уредување на прашањето за обезбедување дополнителни средства во буџетот на Република Македонија во насока на обезбедување подобар квалитет на јавните услуги е прво да се искористат сите расположливи можности за рационализација на расходите, а пред сѐ рационализација на процесите на државната администрација, пред да се пристапи кон воведување поголеми обврски за субјектите во системот и поголемо даночно зафаќање, особено ако се има предвид континуираниот тренд на пораст на сите даночни приходи во буџетот во периодот 2005-2017 година“, соопшти комората.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...