ААВМУ утре и задутре ќе расправа за одземање 22 лиценци на телевизии и радија


       
Скопје, 6 февруари, 2018 - 16:08 (META) 

На својата петта седница годинава, Советот за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) утре ќе расправа и за одземање на лиценци на четири телевизии кои емитуваат на национално или регионално ниво и едно радио кое емитува на национално ниво.

Причината се неплатени обврски за лиценца, а рокот истекол вчера, дознава „Мета“ од извори во ААВМУ.

Имињата не се објавуваат „за да не се наруши угледот на медиумите“, во случај некој од нив да ги платиле предвидените суми.

До попладнево, од четирите телевизии, само една исплатила помалу од третина од сумата, односно само еден милион денари од предвидените речиси 3,5 милиони денари.

На следната седница, која најверојатно ќе биде закажана задутре, ќе се расправа за уште 17 радиодифузери, телевизии и радија, кои исто така не ја платиле лиценцата.

Дневниот ред за таа седница не е дефиниран, оти до денеска до 18 часот се чека на уплатите.

Фактурите на сите радиодифузи им биле испратени на почетокот на годинава, велат од ААВМУ.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.