ААВМУ: Се надминува максималното време за пропаганда за референдумот


       
Скопје, 14 септември, 2018 - 15:24 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) денеска упати предупредување до радиодифузерите дека не се почитува максимално дозволеното време за јавна пропаганда, а таа се емитува во програмски содржини каде што не е дозволено.

„Не се почитува дозволеното време за емитување на рекламните пораки „ЗА“ референдумот, вакви реклами се емитуваат и во програми во кои тоа не е дозволено, во случајов во посебни информативни програми, и рекламирањето во врска со референдумот не е означено и не е јасно одвоено од другите реклами на радиодифузерите“, стои во соопштението од ААВМУ.

Агенцијата потсетува дека Упатството за медиумско претставување за време на референдум предвидува најмногу четири и пол минути на секој реален час пропаганда „ЗА“ и исто толку за пропаганда „Против“, односно вкупно девет минути на секој реален час. ААВМУ појаснува и дека редовните рекламни блокови не смее да се користат за пропагандата за референдумот, а пропагандата не смее да се емитува во вести, посебни информативни програми, директни преноси од верски, спортски, културни, забавни и други настани, како и во и околу програми за деца и млади.

Медиумскиот регулатор им порача на радиодифузните куќи дека во наредните денови ќе ги казнува ако забележи некои од наведените прекршувања.