!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ААВМУ: Вечерва на полноќ почнува изборниот молк


       
Скопје, 13 октомври, 2017 - 10:35 (META) 

Денеска на полноќ завршува изборната кампања во првиот круг од локалните избори, по што почнува изборниот молк, кој трае до 19 часот в недела, кога завршува гласањето на избирачките места, соопшти Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).

За време на изборниот молк се известува за изборите и за текот на гласањето, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување.

„Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк ќе се смета емитување на какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од учесниците во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта“, стои во соопштението на ААВМУ.

Агенцијата ги потсетува радиодифузерите дека треба да ја прилагодат својата програма веднаш по почнувањето на изборниот молк за да избегнат какво било прекршување на изборниот молк бидејќи, во согласност со Изборниот законик, единствена мерка е поведување прекршочна постапка пред надлежен суд.