ААВМУ до ДИК: Сите имаат право на термини во медиумите за референдумот


       
Скопје, 8 август, 2018 - 11:10 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) соопшти оти ставот на Државната изборна комисија (ДИК) дека единствено Собранието, како овластен предлагач на референдумот, може да води јавна пропаганда не соодветствува со фактичката ситуација и дека и другите заинтересирани субјекти може да водат пропаганда во времето предвидено за политичко рекламирање.

Со слична реакција вчера се огласија и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС).

Од ААВМУ велат дека според Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, платената јавна пропаганда медиумите треба да ја емитуваат во рамки на лимитот за рекламирање од 12 минути на секој реален час, јасно одвоена од другите содржини и со јасно означен нарачател. Притоа, на сите заинтересирани субјекти треба да им се обезбедат еднакви услови за пристап до времето за рекламирање, со еднакви цени за сите, велат од медиумскиот регулатор. За тоа се одржал и состанок со ДИК.

„За ваквиот свој став, Агенцијата ја извести Државната изборна комисија и писмено и на заеднички состанок, а по повод Појаснувањето што го даде ДИК за медиумите и медиумското претставување на 3 август 2018 година. Агенцијата смета дека тоа што Законот за референдум утврдува дека овластениот предлагач, во случајов Собранието на Република Македонија, може да води јавна пропаганда, не значи дека има „привилегиран пристап“ до медиумите, ниту во поглед на користењето на времето, ниту во поглед на цените за рекламирање“.

Вчера и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС) го осудија начинот на кој ДИК ги толкува последните измени и дополнувања на Изборниот законик во врска со медиумското претставување за референдумот за името.

„Другите учесници во кампањата за референдумот не само што ќе имаат ограничен пристап до медиумите за пропаганда, туку и трошоците за огласување ќе мора да ги сносат сами. Ваквото паушално појаснување може сериозно да го загрози легитимитетот и легалитетот на референдумот и затоа ДИК треба веднаш да го повлече. Ги повикуваме медиумите да не дозволат да бидат вовлечени во оваа политичка манипулација“, порачаа новинарските организации.