fbpx

„Бомба“ на Заев: Груевски лаже дека не се пазарел за името!

-

„Дојде време јавноста да ја дознае вистината за виртуелниот патриотизам кој ни одзеде девет години. Груевски се пазарел, и тоа како се пазарел со уставното име на Република Македонија“, рече на прес-конференцијата за 33. „бомба“ претседателот на СДСМ и лидер на опозицијата, Зоран Заев.

Тој истакна дека разговорите покажуваат „јасни информации за класични подземни посредници од негова доверба од Македонија и од Грција. За името се преговарало под маса во тајни простории со Емануел Малесис, познат како Маноли“.

– Никола Груевски лажел дека не се пазарел за името и за идентитетот – рече Заев.

Во првиот од серијата разговори, преговарачот Зоран Јолевски му вели на Антонио Милошоски дека посредникот Нимиц „се чувствувал како да е исклучен од процесот и дека со Василакис немал средба“.

Милошоски, потоа, во разговор во кој учествуваат Груевски и Мијалков, предлага многу варијанти на името кои треба да му помогнат на Мијалков во преговорите.

– Тука сум со човекот кој оди да разговара, со тој подебелкиот, не тој, другиот, тој што е асли Грк. Ние ќе одиме на заградиве. Мучкаме што да правиме. Дали да одиме со пред Република? Што би било? Ова „долу“, „горе“, знаеш… тие работи – вели Груевски.

– Ако е ова со „горе“, нека се проба. Од сите лоши варијанти… Ако стои тоа со „горе“ напред, тогаш, на пример, да се оди со заграда и да се остави тие да одберат нешто, а ние да додадеме нешто со политичка конотација, дека ова може да се продаде и кај нив, а да не нè оштети и нас. Независна, суверена, а тие да одберат нешто што би стоело во заграда. „Независна Република Македонија“ или слично – му вели Милошоски.

– Нив им е битно „шорт нејм“ – се слуша како упаѓа во разговорот Мијалков.

Тројцата ги разгледуваат сите варијанти: независна, демократска, суверена, во заграда, горна или северна или вардарска…

Милошоски вели дека „заградата со време ќе отпадне“ и дека „Сашо може да игра и со една друга варијанта. Во пакет со евентуално решение е тоа што ја затвораме и тужбата – да ја повлечеме“.

– Не е точно дека Груевски не влегол во преговори за идентитетски прашања – рече Заев пред презентацијата на последниот разговор.

Во таа аудиоснимка се слуша како Груевски на Силвана Бонева ѝ објаснува како течат „преговорите“.

– Нивниот претставник даде еден предлог за тоа што уште не е решено, го мислевме неколку дена и го прифативме. И тој му вика: „Е сега јас треба моиве да ги убедам“. Два и пол месеци го нема никаде, се вадат на светската криза. Ја му викам на Фуле: „Еве, ние прифататиме, нека го прифатат и они и да идеме на референдум“ – ѝ вели Груевски на Бонева.

Заев рече дека постојат уште десетици разговори, но за да не ги загрози преговорите, нема да ги објави.

Заев го повика Груевски да престане со лагите и со лицемерието.

Тој, одговарајќи на новинарски прашања, потврди дека му го вратиле пасошот и ќе оди во Стразбур, иако рече дека не знае зошто го викаат таму.

На прашањето дали очекува провокации на утрешниот протест, тој рече дека има проблеми со превозот, но дека прават напори да допатуваат сите што сакаат да дојдат.

– Утре ќе почнеме. Дај боже и а завршиме, но ако не си поднесе оставка, ние ќе останеме таму. И јас ќе бидам таму – рече Заев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двете изборни среди училиштата ќе ги одработуваат на 18 мај и на 1 јуни

Основните училишта во текот на вчерашниот ден добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН), дека деновите во кои ќе се одржат изборите, ќе треба да се одработат...