fbpx

Кривична пријава за шпионажа за Зоран Заев

-

Во полициската акција „Пуч“, осомничен е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој заедно со Зоран Верушевски, кој е уапсен пред две недели, и со уште две лица, се товари за обид за загрозување на уставниот поредок и за недемократско преземање на власта, односно суспендирање на волјата на граѓаните.

Како што информираат од МВР, во досегашната истрага било утврдено дека осомничените лица, преку употреба на незаконски средства на следење и на шпионирање и со закани кон високи државни функционери, сакале да извршат преврат и да изнудат разни услуги.

Како што е наведено во соопштението на МВР, Заев е осомничен дека во лични и во телефонски разговори ( на 28 септември 2014, 9 октомври 2014 и на 17 ноември 2014 година) со Никола Груевски, му се заканувал дека поседува докази од компромитирачки карактер за носители на високи јавни и државнички функции и побарал од Груевски да формира техничка влада, а потоа да се распишат и предвремени избори за пратеници во Собранието. За возврат, рекол дека нема да ги објави податоците. Според МВР, ваквите податоци, Заев  ги добивал од Верушевски, со кого неколкупати се сретнал тајно, со подсредство и со помош на третопријавениот, локален функционер од Општина Струмица. Во акцијата, второосомничена е сопругата на Верушевски, која се товари дека помагала во извршување на делата.

„Од досега извршената дигитално-форензичка анализа, пронајдени се податоци и документи кои укажуваат дека постојат основани сомневања за сторените кривични дела. Во содржината на електронските податоци, беа пронајдени податоци и информации кои укажуваат на транскриптирани документи за извршени разговори помеѓу повеќе личности од јавниот и од општествено-политички живот во Р.Македонија, криптирани доверливи документи од повеќе институции од државата, службени документи од кореспонденција со странски држави, документи од спроведени истраги од надлежните судски инстанци во Р.Македонија, кривични пријави и други известувања од правни и од физички лица доставувани до Јавното обвинителство на Р.Македонија, деловни договори на неколку домашни и странски правни субјекти. Поради обемната содржина на дигиталните информации, анализите ќе продолжат и во наредниот период, под контрола и надзор на јавниот обвинител. Врз основа на наредба од Основен суд Скопје 1, од 26 јануари 2015 година, одземен е и компјутер од Стопанска банка АД Скопје, што го користиле и до кој имала пристап сопругата на првопријавениот, за што, исто така, е доставено известување до надлежниот јавен обвинител. Денеска полициски службеници, по наредба на судија на претходна постапка, во Струмица извршиле претрес во домот и во други простории на третопријавениот. При претресот на домот, во гостинската соба, беше пронајдена и второпријавената, која во моментот додека ги забележала полициските службеници, преку еден од прозорците од куќата успеала да фрли еден мобилен телефонски апарат. Од страна на полициските службеници, веднаш бил документиран настанот и обезбеден надворешниот дел од куќата. За време на претресот, со потврда за одземени предмети, одземени се три лаптоп-компјутери, еден персонален компјутер, 20 мобилни телефонски апарати. Претресот е сè уште во тек“, стои во соопштението на МВР.

Од СДСМ засега нема никаква реакција во врска со дејствата преземени од  МВР.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...