fbpx

Обвинителството цела година прибирало докази за аферата „Актор“

-

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција прибира докази за случајот „Актор“, кој во март минатата година, на прес-конференција, го обелодени опозицискиот СДСМ, соопштија за „Мета“ од обвинителство, по едногодишен молк, а одговрарајќи на прашањето: Дали е сè уште во тек истрагата за аферата „Актор“?

„Надлежното Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција презема активности и прибира докази кои се неопходни за расветлување на случајот „Актор“. Со оглед на комплексноста на случајот, во надлежното обвинителство се преземаат дејства за прибирање докази, неопходни за утврдување на околностите на извршување на конкретниот кривично-правен настан“, стои во одговорот што Јавното обвинителство го испрати до „Мета“.

Екипа на „Мета“ вчера ја посети локацијата каде грчката компанија „Актор“ го гради автопатот Демир Капија – Смоквица. Градежните работи се одвиваа со полна пареа, а за аферата што ја тресе фирмата, работниците кои ги затекнавме, рекоа дека ништо не знаат и дека воопшто не чуле за такво нешто.

Опозицискиот СДСМ лани во март, на прес-конференција, презентираше документи и излезе со тврдења дека грчки државјани преку претставништвото на грчката фирма „Актор“ во земјава, подигале милиони евра во кеш од филијала на Стопанска банка во Неготино.

Како што тврдеше тогаш СДСМ, станува збор за сума од околу 3,5 милиони евра. Парите, според нивните сознанија, биле подигнати во повеќе случаи, од кои првите биле регистрирани кон средината на 2013 година.

Управата за финансиско разузнавање, минатата година до надлежното јавно обвинителство достави извештај за сомнителни трансакции. Од обвинителството тогаш соопштија дека е покрената предистражна постапка за случајот „Актор“, но потоа како да се заборави на случајот и оттаму немаше повеќе никакви информации за текот на постапката и за тоа во која фаза се наоѓа истрагата.

Така беше сè до неделата, кога телевизијата „Телма“, повикувајќи се на извештај на ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој), пренесе дека грчките власти покренале истрага против „Актор“ под сомневање за поткуп на официјални претставници во Македонија, за да го добие тендерот за градба на автопатот Демир Капија – Смоквица.

Грчките органи, како што стои во извештајот, за нивната истрага, која освен за поткуп се води и за перење пари, побарале помош од властите во Скопје, а откако не добиле одговор, побарале од Европравда да биде „олеснувач“ во комникацијата Атина – Скопје (Greek authorities contacted their counterparts in Eurojust to facilitate the request).

„До овој момент, во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција нема пристигнато никаво барање од Европравда за соработка и за правна помош во овој предмет. Ова обвинителство досега има остварено контакти со надлежните органи на Република Грција по барање за меѓународна правна помош. Со оглед на комплексноста на конкретниот кривично-правен настан и во интерес на истрагата, надлежното обвинителство не може да споделува детали со јавноста“, стои во одговорот што до „Мета“ го испрати јавното обвинителство во врска со ова прашање.

Грчката градежна фирма „Актор“, со градба на делницата Демир Капија – Смоквица почна во септември 2012 година, откако го доби владиниот тендер за градба на автопатот, вреден 270 милиони евра, иако како што стои и во извештајот на ОЕЦД, понудата на грчката фирма била за 40 милиони евра повисока од тие на конкурентите.

Лидерот на опозцијата, Зоран Заев, вчера, во одговор на новинарско прашање, побара обвинителството да се произнесе по аферата „Актор“, додавајќи дека во спротивно ќе објави нови материјали за случајот во некоја од следните „бомби“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ниту едно од поглавјата за преговорите со ЕУ не е отворено

Во својата програма за парламентарните избори во 2020 година, СДСМ вети дека 80 отсто, односно 25 од 33 поглавја за влез во ЕУ, ќе бидат отворени до крајот на нивниот...