!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Тимоние задоволен од изградбата на автопатот, очекува правдата да се погрижи за „Актор“


       
Скопје, 15 јуни, 2017 - 15:06 (META) 

Амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, денеска направи увид во изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица.

Тимоние бил задоволен од работата на францускиот конзорциум „ЕЖИС Интернационал“, кој е назначен како надзорен орган за проектот за изградба на оваа автопатска делница.

– ЕЖИС спроведе извонредна работа која веќе е при крај и која најверојатно ќе има силни ефекти врз македонската економија, затоа што автопатот ќе значи премин и поврзување од Салцбург до Солун – изјавил Тимоние.

Одговарајќи на новинарско прашање околу истрагите што ги поведе грчкото обвинителство за грчкиот изведувач „Актор“ кој го градеше автопатот, францускиот амбасадор рече дека за нив тоа што е најважно е работата на француската компанија.

– Таа е надлежна за квалитетот на материјалите, како надзор. Под кои услови бил потпишан договорот, тоа воопшто не е во моја надлежност. Оставам правдата да си ја врши својата работа – изјави Тимоние.

Министерот Сугарески информираше дека имало проблеми со сигнализацијата на автопатот, а како дополнителен проблем се јавувал и еден далекувод од МЕПСО, кој треба да биде дислоциран.

– Контролниот центар треба да биде направен во Неготино за да профункционира сигнализацијата која е поврзана со тунелите и автопатот да биде пуштен во употреба до 1 ноември, кога е крајниот рок – изјави Сугарески.

Прашан колку чини изградбата на автопатот, Сугарески рече дека во наредниот период ќе ја објават точната сума за јавноста да не шпекулира со бројки.

Во јавноста се говори за сума од околу 257 милиони евра.

На прашањето дали може да доцни пуштањето на автопатот поради случајот „Актор“, што го испитува Европската Унија, Сугарески рече дека треба да се остави ситуацијата да се расчисти.

Автопатот Демир Капија – Смоквица е долг околу 28 километри, а дел од средствата за изградбата на овој автопат се обезбедени преку ИПА-програмата финансирана од Европската Унија.