20 компании добија 80 милиони денари за иновативни проекти


       
Скопје, 8 февруари, 2018 - 18:20 (META) 

Дваесет домашни микро, мали и средни претпријатија кои аплицираа на два јавни повици од страна на Фондот за иновации и технолошки развој, денеска потпишаа договори во Владата за финансирање на иновативни проекти.

Вкупната вредност на овие договори изнесува 80 милиони денари, од кои 58 милиони денари се обезбедени од Владата во соработка со Светска банка.

„Иновациите и технолошкиот развој на компаниите ги поставивме како суштина на новите економски политики. Цврсто сме уверени дека токму иновациите и технолошкиот развој ќе бидат еден од генераторите на економскиот развој на земјата и причина поради која младите луѓе ќе ги задржиме да живеат и работат тука“, рече премиерот Зоран Заев.

Тој додаде дека од буџетот се обезбедени пари за финансирање иновативни проекти и решенија кои што ќе придонесат за намалување на загаденоста на воздухот во урбаните средини.