16 граѓански организации побараa итно да се повлечат измените на Кривичниот законик


       
Скопје, 28 декември, 2018 - 15:46 (META) 

Вкупно 16 граѓански организации денеска од претседателот на Собранието и од пратениците-предлагачи, побараа итно да го повлечат Предлогот на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка. Тие сметаат дека со промената во членовите на Кривичниот законик, ќе им се овозможи во предметите кои ги води СЈО да се изречат помали казни или делата да застарат и со тоа да не се одговара за криминалот.

„Ние, долупотпишаните граѓански организации, бараме веднаш да го повлечете од дневен ред Предлогот на законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка, доставен од пратениците Артан Груби, Снежана Калеска Ванчева, Соња Мираковска, Лидија Тасевска, Весел Мемеди и Реџеп Мемеди“, се вели во барањето на 16-те граѓански организации.

Тие велат дека преку повлекување на овој предлог-закон, пратениците ќе спречат можност некој да не понесе одговорност за сторениот криминал за кој СЈО води судски или истражни и предистражни постапки. Инаквото постапување ќе значи и продолжување на заробувањето на државата, порачаа организациите.

„Инсистираме на повлекување на предлогот, поради промената во членовите на Кривичниот законик, со кои ќе им се овозможи во предметите кои ги води СЈО да се изречат помали казни или делата да застарат и со тоа да не се одговара за криминалот. Неприфатливо е да се менува Кривичниот законик и кој било друг закон за да се избегне правдата и да се продолжи со заробување на државата од политичките партии. На овој начин се амнестираат криминалот и корупцијата, и продолжува неказнивоста“, се вели во прогласот.

– Итно повлекување на точката за промена на Кривичниот законик со којшто сметаме дека ќе овозможат најголем број од обвинетите во предмети на специјалното јавно обвинителство да имаат намалени казни или нивните обвиненија да застарат. Тој факт нè вознемирува многу. Се боревме за правда за да има мир. Нè вознемируваат овие измени, сметаме дека ова е неприфатливо за да се прават промени на закони за да се оневозможи правдата – рече Фани Каранфилова-Пановска од Фондација „Отворено општество“.

Зад барањето за повлекување на законот застанаа Фондација Отворено општество – Македонија, Фондација за интернет и општество „Метаморфозис“, НВО Инфоцентар Центар за европски стратегии, Евротинк Форум – ЦСИД,  Коалиција „Сите за правично судење“, Институт за демократија „Социетас цивилис“ Скопје, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Македонско здружение на млади правници, Агора – Центар за промовирање на граѓански вредности Скопје, ЦИВИЛ – Центар за слобода, Kоалиција МАРГИНИ, Центар за современи уметности и Институтот за европска политика – Скопје и Институт за човекови права.