!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

1,6 милиони патници патувале преку двата аеродрома во првите девет месеци


       
Скопје, 9 октомври, 2017 - 16:18 (META) 

Вкупно 1,6 милиони патници патувале преку двата аеродрома, „Александар Велики“ и „Св. Апостол Павле“, во првите девет месеци од 2017 година, што претставува годишен пораст од 12 проценти споредено со истиот период лани, известуваат од „ТАВ Македонија“.

Двата аеродрома од јануари до септември, опслужиле вкупно 13.752 летови, што е зголемување за 6 проценти на годишно ниво.

Според статистиките на „ТАВ Македонија“ за патничкиот сообраќај во првите девет месеци, најфреквентната дестинација од скопскиот аеродром е Истанбул (12,4 проценти), потоа следуваат Цирих (8,7 проценти), Виена (6,8 проценти), Базел (5,1 отсто), Малме (4,6 проценти) и Лондон (3,9 проценти).

Во однос на уделот на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, „Виз ер“ има превезено најголем број од патниците со 57,5 проценти пазарен удел, а потоа следуваат „Туркиш ерлајнс“ (8,5 проценти) и „Аустриан ерлајнс“ (6,8 проценти).

„Скопскиот аеродром годинава го имаше најпрометниот август досега, опслужувајќи 216.409 патници, со пораст од 23,7 проценти во патничкиот сообраќај и 22,4 отсто пораст во бројот на летови, достигнувајќи рекордни бројки во сообраќајот досега, што беше потпомогнато од спортскиот настан, Супер купот на УЕФА. Седми август – понеделник, бил најфреквентниот ден на аеродромот во Скопје во овој период од девет месеци, кога вкупно 8.283 патници беа превезени со 98 летови“, соопштуваат од „ТАВ Македонија“.